Испразнети рафтови во големите маркети е сликата која го дочека ставањето во сила на новата владина одлука за ограничување на трговските маржи при продажба на основни прехранбени производи. Од денеска наместо замрзнати цени на храната се воведува нова мерка од која најзасегнати се трговците на големо и мало, како и производителите на храна кои што имаат своја дистрибутивна мрежа.
Со оваа владина мерка се ограничуваат највисоките трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени во висина до 5 отсто маржа во трговија на големо и до 10 отсто продажна цена во трговија на мало. Производите кои се опфатени со оваа мерка се лебот, шеќерот, сончогледовото масло, млеко и млечни производи, свежо месо и сувомеснати производи, јајца, пченица и тестенини како и овошје и зеленчук.
Во меѓувреме, податоците кои денеска ги објави државниот завод за статистика покажуваат дека македонските граѓани во јануари годинава потрошиле за 1,4 отсто помалку пари за храна, тутун и пијалаци, во однос на истиот месец минатата година. Ако се земе предвид и инфлацијата, реалното намалување на трошоците е 8,5 отсто. Во услови кога цените на храната во јануари годинава биле за 5,5 отсто повисоки од лани, тоа значи дека граѓаните сега купуваат помалку производи.
Стопанската комора на Македонија, незадоволна од мерката, во петокот побара средба со министерот за економија Крешник Бектеши која досега не е одржана. Од Стопанската комора бараат измени на владината одлука во два сегмента – маржата и листата на производи.
Претставници на власта денес ги храбреа граѓаните не се работи за подолгорочна криза, туку дека некои маркети или месарници решиле да повлечат дел од продуктите за да можат подоцна да ги продадат по повисока цена. Но, некои од компаниите кои го снабдуваат пазарот велат дека не може да се предвиди трговците ќе реагираат на ограничувањето на нивните профитни маржи. Извршниот директор на компанијата Макпрогрес Виница Глигор Цветанов за Радио Слободна Европа вели дека во тие маржи спаѓаат и сите давачки кои еден производител или увозник ги дава кон ланците на маркетите по разни основи.
Ние не знаеме понатаму како ќе функционира односно како ќе се формира цената од трговците, останува да видиме. Како компанија производител не сме засегнати директно од овие мерки, и немаме намера во наредниот период да ги менуваме цените, но ќе чекаме да видиме како ќе се реагира со цената на полица. Ние имаме можност да ги корегираме нашите цени, немаме забрана да ги промени нашите цени, но ќе почекаме прво да се стабилизираат цените на полица, па потоа ќе видиме како ќе изреагираме, вели Цветанов.