Зоран Заев зборуваше со грчкиот портал Ајидисис за своето привремено повлекување од политиката, при што најави дека се уште ги следи политичките настани и „не значи дека сум безгрижен или дека сум неодговорен кон својата држава, кон својот народ и својата партија“.
За оставката како премиер и партиски лидер, Заев вели дека тоа било „сосема исправен и одговорен потег кој покажа и покажува што значи да се чуе гласот на народот и што значи и во најтешките моменти да се придонесува кон политичките вредности за кои се борел и се бори мојот, нашиот СДСМ. Демократските, европските и вредностите на солидарноста мора да бидат на пиедесталот. И кога се соочувате со одлуката да изберете меѓу себе и вредностите за кои сте се бореле целиот ваш живот, тогаш одлуката мора да биде во корист на вредностите и во корист на зачувување и развој на се она што сте постигнале низ годините. Многумина ми рекоа дека во вакви ситуации најтешко е да се износиш со сопственото его. Јас, фала му на бога, немав никаков предизвик да го сторам тоа. До ден денес, а верувам и во иднина, давав и ќе давам целосна поддршка на тимот што ја води државата и партијата на патот на напредокот. Јас сум и жив, и здрав, и витален, и капацитетен, и како што кажав повеќе пати, останувам посветен на каузите за подобро демократско и отворено општество, без при тоа да мислам дека сум најважен и најголем или дека морам да бидам на функција. Не, општеството е поважно од мене и треба да е поважно од кој било политичар“.
Во врска со подемот на десничарските партии на неодамнешните избори во Унгарија и Србија, и прашањето дали тоа може наскоро да се случи и во Македонија, Заев вели дека левицата се уште не треба да биде отпишана.
Немојте така лесно да им пресудувате на левичарите. Не така одамна Грција избра левичарска Влада. Албанија има левичарски премиер веќе трет мандат по ред. Северна Македонија има веќе трета влада по ред од редовите на социјал-демократите. Шпанија исто така. Владата во Германија ја водат социјал-демократите. Во Црна Гора падна владата која не беше социјал-демократска. Хрватска има претседател од СДП. Словенија исто така. Бугарија има премиер кој е демократ, а не е крајна десница. Не очекувајте од социјал-демократите да станат режимски послушници и да почнат да креираат фарми со ботови кои шират лажни вести. Не, јас се противам на тоа. Но, ве уверувам дека може да очекувате консолидација на демократскиот блок, во што левичарите ќе имаат водечка улога. Очекувајте дијалог, но и одлуки и акции. Учиме од грешките и бидете сигурни дека левичарите нема да седат и да дискутираат бескрајно додека крајната десница ја загрозува безбедноста. Не, светот се промени, а особено регионот. Ние на Балканот денес добро знаеме дека мирот ни е многу скапоцен и дека нема да дозволиме некој туку така да го загрози.