Веќе осум месеци трае обидот за пуч во државата и во СДСМ, стимулиран, а богами и спонзориран од страна на македонската олигархија. На почетокот тоа беше се некако под маса се до гостувањето на премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски на една национална телевизија, кога стана јасно дека и тој и олигархијата ќе одат до крај. Каков ќе биде крајот ќе видиме, но очигледно дека Ковачевски добил зелено светло од страна да „расчистува во дворот“ на крупниот капитал!?, вели Васко Ефтов во неговата анализа објавена на Јутјуб каналот.
Во анализата понатаму вели:
Во последните 30 дена таа операција ескалираше до јавна средба на „мегафонот“ на олигархијата со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски која се случи само еден ден по ставањето на Јордан Камчев на американската црна листа. Во пакет со тоа почнаа да стануваат се погласни шпекулациите дека во тесен круг на свои блиски соработници Ковачевски најавил свое заминување од партијата и од владата по усвојувањето на уставните измени оваа есен. Почнаа и да се вртат и имињата на негови можни наследници.
Во петокот во Скопје на поширока средба на која присуствувале околу 30 до 40 членови на највисокото раководство на СДСМ дел од министрите и замениците министри во владата и дел од собранискиот состав, Ковачевски им испратил јасна порака за две клучни прашања: Прво дека не планирал да поднесе оставка. И второ, дека на претседателските и парламентарните избори СДСМ ќе оди во коалиција со ДУИ и Али Ахмети.
За претседателските избори било кажано дека треба да се случат кон средината на март (првиот круг) а да завршат пред 10 април кога е Рамазан Бајрам. За парламентарните избори има два термини, едниот е јули, а другиот е август 2024 година. Така барем за сега стојат работите.