Европската унија повеќе не може да им гарантира идно членство на шесте земји од Западен Балкан, а тоа делумно се должи и на стравот од тоа како луѓето во земјите ќе реагираат, пишува „Ројтерс“, повикувајќи се на четворица дипломати и еден документ, декларација која треба да биде изгласана на претстојниот самит идната среда во Брдо, Словенија.
На претстојниот самит закажан за 6 октомври, Европската Унија сè уште планира во декларација да наведе дека Унијата ја реафирмира својата „недвосмислена поддршка за европската перспектива за Западен Балкан“. Сепак, според дипломатските извори на „Ројтерс“, земјите-членки и по две рунди разговори, сè уште не постигнале согласност за оваа формулација.
Застојот во разговорите околу декларацијата е нова пречка за ЕУ пред самитот, кој требаше да ја зацврсти посветеноста на ЕУ на стратегијата според која на Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Албанија им беше ветено дека ќе станат дел од европското семејство, пишува „Ројтерс“.
„Ројтерс“ во својата статиjа, исто така се осврнува и кон тензиите меѓу Србија и Косово.