Добрица и Александар ја пронајдоа биолошката мајка на момчето. Набрзо откако ја прочитале информацијата, блиски луѓе на мајката стапиле во контакт со посвоителката Добрица, која со години живее во Германија и според објавените податоци дошле до заклучок дека се работи за истото дете кое пред 32 години било оставено во дом.
-По околу пет часа откако нашата приказна се објави во ,,Фокус” добив телефонски повик. Ми се јавија блиски луѓе на биолошката мајка, кои веднаш според објавените податоци, односно според дата и место на раѓање, како и името Роберт кое на син ми му било дадено раѓање, знаеја за кого станува збор. Сите детали се совпаднаа, а она кое најмногу го израдува Александар е што дозна дека има полубрат.
Цела ноќ не затворивме око од премногу радост, превозбудени сме. Со години трагавме, се изнадававме пари, поминавме толку долг пат, а целата работа се реши само за неколку часа по објавената приказна во вашиот медиум. Преблагодарни сме – вели Добрица.
Таа појаснува дека мајката на Александар по потекло е од Скопје. Била преселена во друг дел на градот сега, имала сопруг и син, но тие не знаеле дека таа родила машко бебе пред 32 години. Ги дознале и деталите за таткото, како и за многу други работи кои се случиле во минатото.
-Преку нејзини блиски луѓе добивме контакт од неа и веќе ја контактиравме. Знам дека ова е комплицирана ситуација, не сакаме да и направиме проблеми со сопругот и чекаме одговор дали таа ќе се согласи на средба. Јас сум во Скопје моментално, Александар е во Берлин, тој е подготвен веднаш со првиот авион да дојде и да ја запознае.
Но, најмногу се радува на веста дека има полубрат, не можеме да се соземеме цела ноќ, еве и денес уште ми трепери гласот од возбуда. Се обидуваме да најдеме најбезболно решение за сите вклучени во приказната, не сакаме никој да биде повреден. Потребни ни се деталите за генетиката, син ми е многу чувствителен, не сакам да биде повреден, а не сакаме да биде повредено и семејството на биолошката мајка.
Сакам да верувам дека, покрај информациите кои ни се потребни да ги добиеме, Александар ќе успее да изгради и блиска врска со неговиот полубрат. Уште еднаш од срце се заблагодаруваме на цела македонска јавност која ни даде поддршка, на луѓето кои ни помогнаа во нашата потрага. Пронаоѓањето на биолошката мајка беше нешто кое не мачеше со години, и за кое речиси немавме надеж дека еден ден ќе се случи – ни раскажа Добрица.