Mинистерот за надворешни работи Никола Димитров, на покана на шефот на бугарската дипломатија Екатерина Захариева, во улога на земја претседавач со Организацијата за црноморска економска соработка, денеска во Софија, ќе учествува на 40-тиот Состанок на Советот на министрите на Организацијата.
Се очекува, како што соопштија од МНР, на состанокот на Советот на министрите на Организацијата за црноморска економска соработка, Република Северна Македонија да стане рамноправна членка на оваа организација.
Министерот Димитров е предвидено да има свое обраќање во кое ќе ги изнесе придобивките и можностите кои ги нуди членството во Организацијата за црноморска економска соработка за земјите членки преку промовирање на духот на пријателство и добрососедство, како и продлабочување на заемното почитување, доверба и соработка, стои во соопштението.
Димитров во гостување во „Само вистина“ најави дека читал оригинални писма од Гоце Делчев што ги испраќал до Никола Малешевски и другите соборци за да се спреми за средбата и да има аргументи.
– Во времето на нашиот херој Гоце Делчев ние не сме имале држава и тој учествувал во еден огромен темел на нашата државност, во создавањето на политичката нација, што е многу блиску до создавањето на етничката идентификација. Изминатиот викенд најдов една архива и читав оригинални писма од Гоце Делчев што ги испраќал до Никола Малешевски и другите соборци. Тој бил неверојатен визионер и уште во тоа време во „Гоцевиот устав“ барал борба со т.н. Тиранија, а не со Османлиите. Неговото визионерство може да ни служи како мост со Бугарија, рече шефот на македонската дипломатија.