Крајно време е ЕУ да испорача и да го исполни своето ветување, порачал вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, на Самитот за Западен Балкан кој се одржува во Виена.
Во панел-дискусијата за процесот на проширување на ЕУ, тој истакнал дека новата методологија за преговори може да внесе нова динамика и поголема веродостојност на пристапниот процес само ако е правилно применета односно има заемна посветеност и на земјите-кандидати и на ЕУ.
„Ако се вратиме на основите како што предвидува и самата методологија, не смееме да го заборавиме базичното правило дека процесот на пристапување е двостран и подразбира испорачување на обете страни. Крајно време е Унијата да испорача кон Северна Македонија, исполнувајќи го сопственото ветување за почеток на преговори откако земјата ги исполни сите услови“,рекол Димитров.
Тој зборувал и за Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан, кој рекол дека е признание на Унијата оти треба да направи повеќе за регионот за да го одржи процесот на европеизација.