Првиот човек на Куманово Максим Димитриевски смета дека економските резултати на власта се погубни, државата е во тешка катарза и затоа час поскоро треба да биде сменета.
„Оваа власт ја навлече државата во една тешка катарза, безидејност, фрустрациите кај граѓаните се секојдневни. Резултатите на економски план се погубни. Прв пат сме влезени во една зима каде што не знаеме како ќе заврши зимата, буџетот на семејствата е многу мал. Потрошувачката корпа е многу голема. Ако направите една анализа на основните продукти – млекото до вчера беше 45, а денеска 70 денари. Лебот е двојно поскапен. Зејтинот е три пати покачен. Платата кога ќе ја земете, колку и да се, тие средства не се доволни да го поминете месецот. Оној што управува со државата треба реално да се запраша каде греши и да ги корегира тие работи. Во спротивно ние во оваа власт не гледаме дека испорачува нешто конкретно. Јас верувам во концептот едно општество за сите и верувам дека ден денеска тој концепт може да биде спроведен, но за жал, оваа власт, тој концепт, го спроведе „Општество за поединци и никој повеќе“. Поединци во власта живеат прекрасно, ги уживаат сите привилегии, а работите не врват. Што значи, час поскоро ова треба да го смениме“, вели градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски во интервјуто за Република.