Горан Михајловски, од порталот Сакам да Кажам, кој беше силен поборник на договорот од Преспа, ги прозива македонските поддржувачи на Владимир Путин. Според Михајловски, ако на Македонците им пречи тоа што Бугарија и Грција не притискаат и ни испорачуваат барања, би требало да ја земеме страната на Украина која е под руски напад.
Не знам од каде потребата да се зазема страна помеѓу Русија и Америка за војната во Украина. Да им се ситиш на Американците затоа што Русите тепаат Украинци. Суверена држава го нападна комшијата – друга суверена држава. Оправдуваш агресија на голем сосед со империјалистички амбиции, во ситуација кога и дома си опкружен со такви соседи. Русија е во право што изврши агресија на Украина, а Украина е виновна затоа што се брани.
Кој се радува на умрени деца? За какви вредности зборуваме? Вредност ли е да се радуваш на два милиона бегалци, на бомбардирани болници?
Најлесно е да кажеш – мирот да надвладее. И – да запре војната. Имаше еден плакат на протестите за поддршка на Украина, „Ако Путин престане да напаѓа, ќе запре војната. Ако Украинците престанат да се борат, ќе останат без држава“. Како да надвладее мирот кога некој ти влегува дома и те тепа? А другите во маалото ти викаат „Ај предај се, дај му ја куќата, тој е појак, да не ти страдаат децата“. Па уште и ти попуваат: „А на Петко кога му влегоа дома и му ги силуваа децата, тогаш зошто не се бунеше“.
А никако не можам да ги разберам оние замотани со знамињата од Вергина, кои од Фејсбук советуваат дека украинскиот претседател Зеленски треба да се предаде за да не гинат цивили, оти Русија е појака. Ама, затоа ќе го враќаат името и „наше ќе биде и Солунско Поле“. Особено оние патриоти на далечинско управување што живеат по Америки, Канади, Австралии и најсилните земји-членки на НАТО во Европа. Има нешто чудно во ситуација кога НАТО ти ја гарантира безбедноста, а ја величаш Русија. И уште почудно, да очекуваш Америка да те брани, ама Путин да те води, напиша Михајловски во последната колумна „Сакам да кажам“.