За време на тричасовната националистичка конференција што денес се одржа во Софија, поранешниот бугарски амбасадор во Македонија и актуелен заменик претседател на комисијата за споделена историја Ангел Димитров обвини дека Македонија е „југословенски комунистички проект“.
Конференцијата, со која претседаваше претседателот на Бугарија Румен Радев, изобилуваше со навреди за Македонија и Македонците, а во нив предничеше Димитров.
Историскиот лик на новиот југословенски комунистички проект е постоењето на македонска нација со вековни државотворни традиции. Тоа е во целост политички проект, и е замислен за цеосна контрола врз македонскиот простор и територија. На овој проект требало да му се обезбеди легитимност, и затоа историјата станува фокус на историска конструкција, на доктрината на македонизмот. Главната задача на историската наука кај нашата соседна земја е да исполнува политички задачи, и така е и до денес, изјави Димитров.
Тој ги повика македонските историчари, со кои постојано е во судир, да „ги напуштат своите историски окови и да дозволат општествена катарза во Македонија, во духот на европските и демократските стандарди“. Ова барање на Димитров се сведува на тоа Македонците да прифатат дека имаат бугарско потекло.