Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во своето гостување во дневникот на Сител телевизија го обвини премиерот Димитар Ковачевски дека нема слух за дијалог и соочување со македонскиот народ, и дека затоа опозициската партија ќе предложи активна блокада на македонското Собрание.
Некој активно се труди да ја наметне тезата дека сите се исти. Ние сакаме активно да ја демантираме таа теза дека не се сите исти. И токму поради тоа сакам на утрешната седница на Извршниот комитет да излезам со првиот чекор, најверојатно тоа ќе биде некаква активна блокада на македонското Собрание. Кога велам активна блокада, мислам блокада на се што ќе биде таму со исклучок на закони кои што значат повисоки плати или некаква помош на граѓаните, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека се останато ќе предложи на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да биде блокирано, дали преку филибастеринг односно преку амандмани или преку активно говорење и на комисиските седници и на парламентарната седница. А, тоа нормално значи отворање на дискусија на Извршниот комитет и да се разговара на ова тема.
„Најсреќни би биле тие би рекол инсталации на Спасовски кои што провоцираат една таква дебата дека сите се исти, да ние го напуштиме Парламентот и да го бојкотираме. А, тогаш би поминало се. Буквално би поминало се и тогаш никој не би почувствувал дека нешто не е во ред во Македонија. А, дефинитивно не е во ред. Односно не знам што е во ред ниту во полето на економијата, ниту во образованието, ниту во здравството“, појасни Мицкоски.