Ивон Величковски кој јавно се произнесува дека ги поддржува Преспанскиот и бугарскиот договор, смета дека референдумите до сега во Македонија се покажале како фарса со која партиите ги користат како алиби за да не преземат политичка одговорност.
Во продолжение објавата на Величковски:
Мојата поддршка за Преспанскиот и за Софискиот договор беше и е недвосмислена и јавна. Исто како што јасно и недвосмислено лично бев против идејата за референдум за Преспанскиот договор.
Таквата позиција беше различна од ставот на власта, опозицијата и на дипломатите тука. Во 2018 беше лично-политички штетно, но национално-политички одговорно да не се поддржува референдумот како скапо средство за “перење на совеста” на партиите.
И да, тоа водеше кон лична политичка изолација.
За мене тоа беше доследност: одбивањето на идејата за “референдум за решението на спорот со Грција” беше договорена разлика во секоја политичка соработка бидејќи:
- Политичкиот спор беше над правниот, а идеолошкиот над идентитетскиот и затоа по него треба да одлучува Собранието – за Грција со Преспанскиот (следствено за Бугарија со Софискиот договор).
- Со неминовно неуспешен референдум ќе се создадат два јаза, еден меѓу Македонците и друг меѓу Македонците и Албанците спротивно на интересите особено на нас, Македонците.
Времето покажа чија проценка била пореална.
Затоа и денес, кога исто е непопуларно да се зборува против идеја за референдум за Преговарачката рамка, Протоколот или самиот “француски предлог” – сметам дека е одговорно да се предупреди дека таков референдум е рецепт за уште една фарса.
Прво, како што и референдумите за територијалната организација 2004 и за Преспанскиот 2018 беа само скапо средство за пребројување/мобилизација на гласачите, истата цел ја има и оваа иницијатива: амнестирање на партиите и ликовите од носењето одлука – корисна за нацијата, штетна за привилегираната “јавност”.
Второ, недоумицата за темата скриена зад самото иницирање референдум покажува дека нема можност за “тивок” излез од правниот лавиринт и од политичкото самодоведување до ѕид по паметот на Силјановска, Апасиев, Коцарев и останатата ЈУС медиа/академска логистика.
Трето, прифаќањето на ВМРО-ДПМНЕ на Преспанскиот и Софискиот договор како завршена работа е потврдено со нивното гласање во Европската народна партија – спротивно на нивното медиумското неприфаќање по дома.
Бидејќи Протоколот ги уредува методите, носителите и обврските од Софискиот по урнек на прецизноста на Преспанскиот договор, не ќе е чудно посетата на Будимпешта да им ја освежи меморијата за ова на Мицкоски и Николовски.
Проектираното продлабочување на јазот меѓу Македонците, меѓу Македонците и Албанците и меѓу Македонците и сите во соседството е дизајнирано да го малакса општеството и да го држи македонскиот народ во недоверба кон себе и кон сите други – за туѓи потреби. Тоа е прескапа цена за одржување на (само)изолацијата на Белата палата кон се што е вон раководството додека си води пресметка за тоа кој е кој во партијата и опозицијата.
Ова е доволна причина да се посветиме на битните теми, на пр. уставните измени. Но особено на подготовките за претстојната зима, кога успехот на политичарите, партиите и институциите ќе се мери според придонесот кон надминувањето на предизвиците на луѓето, а не според идеологизирањето на идентитетите на народите.