Во изјава за МИА, американската амбасадорка Кејт Брнс ги повика „граѓаните на Северна Македонија“ да ја поддржат Украина во конфликтот со Русија.
Заканата за Украина од Русија е закана за демократските вредности насекаде во светот. Американците и граѓаните на Северна Македонија мора да застанат заедно со Украина за да обезбедат слободна и стабилна Европа, што е во најдобар интерес на граѓаните кои живеат во демократски држави, без оглед дали тие се граѓани на САД, на Северна Македонија, или на други држави во светот, порачува Брнс.
Амбасадорката ја обвини Русија за „непровоцирана агресија кон Украина“, како и кон други држави во регионот како Грузија во изминатите две децении.
Русија изврши инвазија на две соседни земји, се мешаше во изборите на други држави, користеше хемиско оружје за да изврши атентати на странска почва, ги користеше испораките на гас како политичко средство и ги прекрши меѓународните договори за контрола на вооружувањето. Нашите цели се едноставни. Ние сме подготвени со нашите сојузници и партнери да ја поддржиме европската кохезија, да ги зајакнеме нашите трансатлантски односи и да ги зацврстиме демократските држави и институции. Ова го правиме за да го подобриме животот и на граѓаните на САД и на граѓаните на Северна Македонија .И ова го правиме заедно, порачува Брнс во нејзиното прво посериозно обраќање во рамките на кризата која што веќе со недели тлее на украинско-руската граница.
Според Брнс, активностите на Русија се должат на страв на претседателот Владимир Путин од почитување на „демократските вредности и основните човекови права“ во Русија.
Поради овие стравови, Русија продолжува со своите напори да ја поткопа украинската демократија со ширење дезинформации и воени заплашувања. Накратко, делувањето на Русија е опасно и дестабилизирачко, вели Брнс.