Професорката Билјана Ванковска предлага денешниот „славенички чин“ да го одбележиме простум, како на погреб, додека се налеваат со шампањско венецијанските трговци кои не продадоа за пет гроша.
„Не, не е овде Бугарија таа што е за покажување со прст – таа е тоа што е, што сме знаеле, земја која од геополитички причини е бутната во НАТО и ЕУ а со непроменет националистички менталитет од 19/20 век. Проблемот е што ЕУ, таа ваша фантазија која божем носи мир меѓу народите и се заснива на „единство во различностите“ го прифаќа ова национално понижување на мала нација. И не само нејзините институции, туку и медиумите, борците за човекови права, научните кругови, експертите за евроинтеграции… НИКОЈ ДА СЕ ВОЗНЕМИРИ – не за нас, туку за нивните принципи. Тоа ви покажува дека ЕУ е жив мртовец кој живее на гробот на своите илузии кои досега успешно се продаваа.
Затоа, денес барем да стоиме стамено како на погреб додека ќе се налеваат со шампањско оние венецијански трговци кои не’ продадоа за пет гроша – и самочувство, и јазик, и историја, и слобода, и суверенитет, и човекови права – се’ ТОПТАН! И штом паднат конфетите од денешниот славенички чин, ќе бидеме турнати на спореден колосек изложени на нов серијал на тортура за промена на уставот, законите и имплементација на она што не смее да се имплементира ако сакаме да опстоиме. Ќе биде тешко: ќе не’ притискаат и ќе ни се закануваат однатре, од соседството, од Брисел, од САД. Но, на мака се познаваат јунаците! Досега не ги видовме мнозина, ама ако мајка Македонија не родила такви чеда (како Јане Сандански во песната), тогаш не заслужува ни неа да ја жалиме.“, пишува Ванковска на фејсбук.