Поради монтираните случаи денеска се судрија Алтернатива и независниот пратеник Скендер Реџепи. Вчера премиерот Ковачевски рече дека наскоро ќе биде испратен допис до Европската комисија, кој се однесува на монтираните случаи и преку кој ќе се бара меѓународна помош за нивна истрага. Според Ковачевски, тој имал средба со пратеникот Скендер Реџепи откако овој побарал отчет до каде се постапките за ова прашање. Ова предизвика незадоволство кај Алтернатива, кои сметаат дека заслугите за писмото не се на Реџпеи, туку се нивни. Зекирија Ибраими рече дека премиерот се потсмева со овие случаи и дека ги користи за политички пазарења за да обезбеди мнозинство во Собранието, објави Алсат.
На 24.08.2022 Алтернатива го достави ова писмо до премиерот Ковачевски за тој да го дискутира на седница на Владата и да го испрати до Европската комисија. Сепак, тој секогаш со правдаше со техничко-процедурални прашања се додека ние не инсистиравме дека доколку не го испрати дописот тој нема да има мнозинство на 6 декември 2022 година. Министерот за европски прашања, Бојан Маричиќ потоа испрати коригирана верзија на ова писмо до претсдателот Африм Гаши и истиот ден се договоривме писмото да биде пратено. Сакам да апелирам, испратете го писмото денес и препишете ги заслугите на кого сакате“,рече Зеќирја Ибраими – секретар на Алтернатива.
Ова предизвика реакција на пратеникот Скендер Реџепи. Според него, Алтернатива лее крокодилски солзи за прашање за чие решавање не направила ништо иако имала на располагање 13 месеци. Тој рече дека Алтернатива имаше 3 министри и 3 пратеници, но и негова поддршка да ги условува Владата и Собранието со дописот за монтираните случаи, додавајќи дека такво нешто нема направено.
„Требаше да им го земат Министерството за здравство, да ги тргнат од Влада за да го кренат гласот за монтираните случаи. Ова е невиден срам. Се сретнав со премиерот пред 3 дена и не видов потреба да ги известам медиумите, бидејќи имав намера да ја завршам работата со писмото, бидејќи се чинеше дека се работи за злоупотреба на монтираните политички случаи. Постигнат е договор писмото кое Алтернатива го нема побарано цели 12 месеци или 13 месеци, да се поправи и да се испрати до Европската комисија што е можно поскоро“, изјави Скендер Реџепи-Зејд.
Монтираните случаи беа втората точка од договорот што Алтернатива го постигна со поранешниот премиер Зоран Заев во времето кога тие решија да станат дел од Владата. Според овој договор, Владата требаше да побара помош од Европската комисија да дојде тим од меѓународни експерти кои ќе се занимаваат со истрагата на овие случаи.. Но, од денот кога Алтернатива стана дел од Владата до сега нема конкретен чекор за реализација на оваа точка од договорот.