Мешовитата комисија за историски и образовни прашања ќе се состане в четврток и петок, а на дневен ред се забелешките дадени од бугарската страна за средовековниот период за нашите учебници по историја за седмо одделение, изјави за МИА копретседавач од македонска страна во заедничката македонско-бугарската Комисија, Драги Ѓоргиев. Тој додаде дека работата на Комисијата се одвива во позитивна атмосфера и доколку така продолжи, според него, ќе дојде до приближување на ставовите.
Најавата доаѓа откако бугарскиот премиер Кирил Петков најави дека е постигнат сериозен напредок во преговорите околу историјата, и дека наскоро ќе бидат затворени некои од прашањата. За време на мини самитот во Софија, Петков најави дека работите се движат во добра насока, по што се обновија надежите Бугарија да го крене ветото во јуни.
Но, цената ќе биде висока. Во средновековниот период, главна е расправата околу цар Самоил, при што Бугарија бара Македонија да го прогласи за бугарски цар. Освен за Самоил, ќе се дискутира и за прашањето за Гоце Делчев, од аспект на заедничкото чествување, Ѓорѓиев за МИА вели дека тоа ќе се отвори на претстојните разговори доколку остане време.
Комисијата за историја ме извести за некои важни историски личности и нивниот третман. Ќе ви дадам некои детали. Дојдовме до напредок по тие прашања, на многу конструктивен и реалистичен начин којшто ни отвора можност за забрзување на нашите преговори. Секако ќе ми треба прво да добијам јас и моите коалициски партнери целосен извештај од Комисијата, но штом добиеме извештај тоа ќе оди многу брзо, рече Петков.