Претседателот на СОНК, Јаким Неделков соопшти дека штрајкот е ставен во мирување.
Ваквата одлука била донесена откако било добиено известување од Министерството за труд и социјална политика за мирно решевање на работните спорови. Неделков рече дека денеска Советот на СОНК расправал во врска со добиеното известување, по што се консултирале со правници.
– Советот на СОНК и СОНК се легалисти и се за почитување на законите, од таа причина дел од одредбите водат кон тоа дека додека траат периодот на помирување и решавање на спорот меѓу двата спротивставени табори, доколку се работи за штрајк истиот оди во мирување – истакна Неделков.
Незадоволни членови од Синдикатот за образование наука и култура попладнево пред седиштето на синдикатот бараат претседателот на СОНК да се обрати и да објасни зошто штрајкот е ставен во мирување.
– Денеска се ретерира без знаење на членството и се носи одлука за која членството не е информирано. Тука сме да изразиме револт. Ние сме базата, ние сме членството и должен е Неделков да дојде и да објасни зошто ја промени одлуката, велат насобраните членови на СОНК, кои бараат оставка од Неделков.