Директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски инсистира дека вината за поделбата на православните христијани во две категории, поради што нивниот број е многу намален во пописот, не е во попишувачите или во ДЗС, туку кај граѓаните. Симовски вели дека граѓаните не потенцирале дека се православни кога се изјаснувале како христијани, а попишувачите не смееле да ги препрашуваат.
Многу луѓе не размислувале дека треба точно да ја потенцираат религиската припадност. Па така, ако некој е православен христијанин, тој на попишувачот му кажува дека е христијанин, без да потенцира дека е православен. А попишувачот е должен да го внесе одговорот онака како што му бил кажан. Попишувачот не смее да влегува во дебата со граѓаните и да им објаснува, односно да ги наведува каков одговор да дадат на одредено прашање. Оти, ако попишувачите се вмешале во одговорите, тоа значи дека тие влијаеле врз одговорите. А влијаењето подлежи на кривична одговорност, објаснува Симовски.
Поради овој пристап на ДЗС, освен што бројот на Македонци е далеку намален (поради бојкотот во дијаспората и во земјата), сега и бројот на православни христијани е претставен како скоро еднаков на бројот на муслиманите. Согласно пописот, во Македонија живеат 847,390 православни верници (46.14 проценти од населението), и уште дополнителни 242,579 христијани (13,21 проценти). Со оваа вештачка административна поделба, муслиманите, кои се 590,878 на број односно 32,17 проценти, се приближија по бројност до православните христијани.