Интензивните дипломатски активности на Франција и помирливите сигнали од Германија упатени кон Русија вродуваат со плод. Рускиот претседател Владимир Путин најави дека руската армија засега нема да врши нови воени вежби во близина на Украина, која е длабоко вознемирена од можната руска инвазија.
Путин најави дека оваа одлука ќе биде негов придонес кон де-ескалација на кризата. Британија и САД со месеци ја обвинуваат Русија дека подготвува инвазија врз Украина со нејзината концентрација на воени единици на границата – обвинувања кои Русија ги отфрли.
Иницијативата за спуштање на топката дојде од европските држави. Францускиот претседател Макрон ја посети Москва и притоа изјави дека Западот ќе мора да ги уважи руските безбедносни интереси кога ја формулира својата политика кон Украина и источна Европа. Оваа изјава на Макрон предизвика гнев во Вашингтон и Лондон, но по се изгледа ја постигна целта во Москва.
Новата германска Влада на Олаф Шолц уште повеќе ги вознемири САД и Британија откако Шолц повеќе пати одби да се обврзе дека Германија ќе го затвори гасоводот Северен Поток 2 во случај на руска инвазија врз Украина. Во разговор со Си-Ен-Ен, Шолц вети дека Германија ќе ги носи одлуките заедно со своите западни сојузници, но одби дури и да го спомне гасоводот, а не пак да се обврзе да го затвори. Гасоводот ја снабдува Германија преку Балтичко Море и ја заобиколува Украина – со неговата изградба Украина ја загуби својата важна стратешка позиција како главна транзитна земја за рускиот гас кон Европа. Украинците веќе не можат да се служат со заканата дека ќе ја спречат испораката на руски гас кон Европа во случај на заострување на односите со Русија.