Мислам дека артикулирам широко распространето мислење ако го кажам следново – јас не сум Ламбе, не барам Ламбе да биде ослободен од одговорност и барам за него правда и праведен исход на кривичниот прогон на кој е изложен, пишува новинарот Бранко Героски во неговата колумна за Плусинфо.
Ако им се верува на истражните органи, Алабаковски го признал делото. Ако му се верува на министерот Оливер Спасовски, собрани се многу материјални докази дека токму Ламбе ја запалил вратата на клубот во Битола. Сето тоа ни укажува дека истрагата е завршена или се приведува кон крајот, без никаква можност осомничениот да влијае и врз истражителите и врз сведоците. Впрочем, да повторам – тој самиот признал дека го сторил делото.
Зошто тогаш треба да биде во притвор цели 8 дена? Затоа што имал двојно државјанство, па можел да избега? Ма дајте, немојте од нас да правите будали! Десетици, ако не и стотици илјади луѓе во оваа држава имаат двојно државјанство. Сите ли ќе избегаат? Или, пак, има некаква тајна службена белешка на АНБ, дека баш Ламбе ќе избегал?
Белешките беа во мода, можеби уште се. Се чудам, сепак, како тоа немаше таква белешка кога Ден Дончев кидна од Македонија, откако беше осомничен за рекет?!
А можеби притворот за Ламбе сепак е само за да се импресионира Софија…
Најважно од сè, да потсетиме на ноторниот факт дека културниот центар „Иван Михајлов“ бил регистриран со евидентен пропуст од страна Централниот регистар, без позитивно мислење од ресорното Министерство за правда за користење на името на квислингот Михајлов. Со други зборови, постапката била незаконита.
Зошто државата не ја укина регистрацијата на клубот? Добро, ако веќе не смеела, за да не се нарушат односите со Бугарија, зошто никој не е повикан на одговорност поради тоа што регистрацијата на клубот е извршена во незаконита постапка? Во случајов, постои основано сомневање дека некој ја злоупотребил својата службена положба и овластување, што исто така е кривично дело.
И затоа, јас велам – не, не сме сите Ламбе, ама не сме ни слепци и глупаци!
Не е фер Ламбе да заврши на клада и потоа сите во хор да кажеме – ете, правдата е задоволена.
Не, тоа е сè, само не правда!