Јас можеби ќе ги прифатам четирите оставки, меѓу кои и таа на министерот за здравство Венко Филипче, но можеби и нема да ги прифатам. Ова денеска го рече премиерот Зоран Заев, додавајќи дека ги чека извештаите кои ќе дадат одговор на прашањата како избувнал пожарот во тетовската модуларна болница и кој е одговорен за несреќата
– Можеби нема да ги прифатам оставките, а можеби и ќе ги прифатам. Не само затоа што јас ги чекам одговорите за да дадам свој став по повод поднесените четири оставки, туку поважно е тоа што граѓаните бараат одговор на прашањата што всушност се случило, кои се причините за пожарот или слично. Очекувам до крајот на оваа недела да излезат извештаите – рече премиерот.
Ако ги вратиме животите на тие 14 луѓе, додаде Заев, не само што ќе си дадеме оставки сите, туку и ќе си заминеме од политиката, но тоа не е можно.
Тој посочи дека сите сме креатори на состојбата во државата и дека модуларните болници се ставени за луѓето да не мора да бидат примани на паркингот пред клиниките.
– Станува збор за модуларни контејнери кои се фабрички изработени на друго место. Целта беше исполнета и треба да продолжат да функционираат. Јас го разбирам гневот на новинарите кога поставуваат прашања, бидејќи болката од загубата на 14 животи е голема. Но, мора да водите грижа за причините за нешто што се случило, ама мора да знаете и што потоа. Ќе учите некој да навлезе и да менаџира со короната? – рече Заев.