Основниот кривичен суд денеска го осуди неправосилно третообвинетиот во „Рекет“ Зоран Милески-Кичеец на 3 години затвор за кривичното дело „Примање награда за противзаконско влијание“. Тој на почетокот на судењето за „Рекет“, вчера го призна делото, за разлика од другите двајца обвинети Бојан Јовановски – Боки 13 и Катица Јанева, кои рекоа дека не се виновни и за нив судењето продолжува.
Пресудата ја изрече судијката Васка Николовска-Масевска, а присутна во судницата беше и шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска.
Според обвинението, преку третообвинетиот Милески кој ги договарал средбите на Боки 13 и Орце Камчев во неговиот дом, Боки 13 го уверил сведокот Камчев дека Јанева ќе ги исполни, односно ги исполнила сите негови барања за олеснување на неговиот статус како осомничен и притворен во истрагата на СЈО „Империја“. Таа незнаејќи дека сведокот Камчев ги снима што зборуваат, како рекетираат и како Јовановски зема торба со пари од него, по телефон го уверува: „Сè ќе биде океј!“
За посредувањето Јовановски и Кичеец примиле награда во вкупен износ од 1.500.000 (500.000 евра од Ана Камчева, сопруга на Орце, сведок во постапката и милион евра од него). Јанева за куќниот притвор и пасошот за себе прибавила значителна имотна корист и тоа предмети-мебел во износ од 296.040,00 денари кој за неа го набавил обвинетиот Боки 13 од фирмата „Зона мебел“ Скопје и пари во износ од 50.000 евра.