По синоќешните интервјуа со Христијан Мицкоски и Зоран Заев, новинарот на ТВ24 бил мета на закани и навреди од извесен Бобан Петровски
Здружението на новинарите на Македонија денеска остро ги осуди вербалните закани кон новинарот Мишко Иванов, испратени до него вчера на Фејсбук веднаш по завршувањето на интервјуата со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Христијан Мицкоски и Зоран Заев, од извесен Бобан Петровски и ги повикаа МВР и ОЈО веднаш да го пронајдат заканувачот.
„Заканите и говорот на омраза не спаѓаат во доменот на слобода на говорот и може да предизвикаат сериозни последици и самоцензура кај новинарите. Единствено преку строга санкција на ваквите закани од страна на институциите ќе може да се спречат идни напади и закани кон новинарите. Државата има обврска да обезбеди ефикасен систем на превенција и казнување на насилството врз новинарите, бидејќи тоа е основен предуслов за подобрување на состојбата со слободата на говорот. Затоа, инсистираме МВР и ОЈО веднаш да изнајдат начин за ефикасно истражување на ваквите закани“,
се вели во писмената реакција од ЗНМ.
Во соопштението исто така се наведува дека откако Иванов вчеравечер ја објавил пораката на својот профил на Фејсбук, новинарките Анета Додевска и Наташа Стојановска исто така посочија дека во последно време и тие биле мета на напади, односно и до нив биле испратени пораки со слични содржини.
„Ја потсетуваме јавноста дека доколку сакаме да имаме функционална демократија потребно е високо ниво на слобода на говор и изразување, а такво нешто не може да се постигне доколку новинарите и медиумските работници работат под постојан притисок и закани, бидејќи на тој начин единствено ќе се придонесе за создавање на атмосфера на страв и самоцензура“,
велат од ЗНМ и додаваат дека овие закани ќе бидат пријавени до сите домашни и меѓународни организации кои се бават со одбрана на слободата на изразувањето.
И од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ги осудија онлајн нападите и заканите на социјалните мрежи врз колегата Иванов, како и зачестените напади врз други новинари и новинарки.
ССНМ апелира до сите новинари и медиумски работници сите овие напади, закани, онлајн малтретирање и слично да ги пријавуваат до органите на прогонот и соодветните институции, иако со жалење констатира дека МВР овие закани не ги сфаќа сериозно и по нив не постапува според своите законски овластувања.
„Институциите треба постојано да реагираат и да ги санкционираат ваквите појави бидејќи решавањето на случајот со нападите врз две новинарки од страна на Емил Јакимовски не смее да остане единствен. Во таа смисла, ССНМ ги повикува сите новинари и медиумски работници, да ги пријавуваат заканите и нападите во Синдикатот, преку пораки на Фејсбук страната или на електронската пошта [email protected]. ССНМ ќе го документира секој случај и ќе преземе соодветни мерки, инсистирајќи до соодветните институции да ги преземат мерките што им стојат на располагање и истовремено информирајќи ги меѓународните институции за состојбата со нападите врз новинарите“,
се вели во соопштението од ССНМ.