Дали потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири прави пуч во ИВЗ или во партијата? Во екот на изборната кампања Зекири бара чистка во неговата матична партија, а хајката што скоро цела година ја водеше против поглаварот на ИВЗ, вчера резултираше со судска одлука за смена на реисот Сулејман Реџепи. Уште минатата година пратеникот Зекири од Собранието порача реисот дека Реџепи е заштитена мечка од секоја власт.
-Се однесува на ИВЗ, односно на поглаварот Сулејман Реџепи и начинот како овој човек ја води оваа институција. И сакам да прашам дали овој човек е заштитена мечка и дали овој човек е над законите во оваа земја и може да прави што сака, изјави Зекири на втори јуни 2018 година.
Премиерот тогаш пак најави дека лично по негов налог инспекциите ќе ја чешлале работата во верските заедници.
-Трудовата инспекција ќе добие налог лично од мене како премиер, принципиелно да ги провери сите овие аспекти за да можеме преку вас да го испорачаме одговорот кон свештените лица или муфтиите, имамите кои што постојат во Република Македонија, одговори премиерот Зоран Заев, изјави Зоран Заев на втори јуни 2018 година.
Во телефонски разговор за Алфа Зекири отфрла негова вмешаност во одлуката за смена на Реџепи. Сепак војната на Зекири со ИВЗ влече корени одамна тој дури јавно ги повика и имамите да не ги премолчуваат постапките на реисот.
-Тоа што тој го прави со години, мене искрено не ме зачудува. Прво им се чудам на имамите и членовите на највисоките тела на ИВЗ кои продолжуваат да замижуваат на сето она што овој “човек” го прави, и натаму молчат како кукавици и се се плашат од овој “човек”. Почитувани имами, охрабрете се, не молчете, СРАМОТА е тоа да го правите и со вашиот молк да ги одобрувате постапките на Резил улема Сулејман Реџепи, напиша Зекири.
Што се однесува пак до чистката во неговата партија, каде тој е потпретседател, Зекири вели дека не станувало збор за никаков пуч. Тој ден по првиот круг од претседателските избори резултатот го нарече горчлива победа и повика на одговорност во партијата но и на дел од функционерите во албанскиот блок со кои СДСМ е во коалиција на овие избори.
Извор: alfa.mk