Бидете достоинствени и не дозволувајте да ве поткупат. Ова вчера преку фејсбук статус им го порача Лилјана Затуроска, генералната секретарка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ на новоизбраните пратеници од нејзината партија.
Затуроска, која повеќе од една деценија беше народна избраничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, нема да биде пратеничка во новиот парламентарен состав, бидејќи не се најде на пратеничките листи на нејзината партија.
Но атоа таа има што да им порача на новајлиите во законодавниот дом од нејзината партија.
„Собраниската конститутивна седница помина и денес се верифицираа мандатите на новоизбраните пратеници.
Цврсто верувам дека новите пратеници, во овој мандат, ќе изнајдат соодветни механизми за издигнување на пратеничката функција и поставување на пиедестал кој и законски и припаѓа, недозволувајќи да биде деградирана институцијата пратеник преку низа невистини и инструменти за поткусурување и омаловажување“, напиша Затуроска.
Таа вели дека сака да се заблагодари на нејзината партија ВМРО-ДПМНЕ и Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нејзините сопартијци и верни поддржувачи и гласачи кои во повеќе наврати и ја давале нивната доверба, а таа, како што вели, им возвратила како што доликува: со искрена, достоинствена, несебична и посветена работа сите овие години, и дури и во најтешките и најпредизвикувачки моменти останала достоинствена и во ниту еден момент не ги извалкала и не ги погазила нивните интереси, барања и доверба.
„Да бидеш народен избраник е повеќе од доверба и огромен аманет, затоа еден искрен апел до новите пратеници: Бидете достоинствени, непоткупливи, бидете цврсти и свои, секогаш подготвени да одговорите на сите предизвици кои, верувајте, никогаш не се лесни туку напротив се многу тешки и непредвидливи. Ви посакувам спокоен мандат со многу одлуки кои ќе бидат во прилог на сите граѓани на Република Македонија и во насока на зачувување на нејзините нишани во целост“, порача Затуроска, посакувајќи им среќа на новите пратеници.
Оваа порака доаѓа во време кога се шпекулира дека дел од пратениците на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ би ја поддржале новата влада што би ја формирал Зоран Заев. Лидерот Христијан Мицкоски вчера рече дека има бескрајна доверба во своите пратеници.
Извор: Фактор