Република Северна Македонија беше првата земја од регионот која го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација во 2001 година. Само 4 години подоцна станавме и земја кандидат на членство во ЕУ, а веќе во 2009 ја добивме и првата позитивна препорака за отпочнување на преговори со ЕУ. И, еве не 16 години подоцна се уште сме во чекалната на ЕУ, рече премиерот Зоран Заев денеска на утринскиот панел на Тиранскиот економски форум 3 на темата „ЕУ и Западен Балкан: исполнување на долго очекуваните ветувања“, кој заради пандемијата со КОВИД-19 се одржа онлајн.
На панелот зедоа учество и премиерката на Србија Ана Брнабиќ, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
„Изминативе година и половина поминавме нов процес кој ја редефинираше методологијата за преговарање но и се исправивме пред нови непринципиелни прашања и бирократски ставови кои не може и не смее да бидат камен за сопнување на просперитетот на Северна Македонија. Мојата земја била, е, и ќе биде крстосница на многу цивилизации, на многу етиникуми и на многу културолошки вмрежувања кои го оставаат најдоброто од себе за идните генерации кои го градат својот живот тука, дома.
За жал овој мал балансиран политички екосистем кој сме го создале низ вековите, е ранлив. Ранлив е затоа што граѓаните не може да продолжат да живеат само од идеја. Потребна е и храбра политичка акција. Потребно е повеќе од секогаш покажување на визија, храброст и одлучност во носењето на одлуките кои го стабилизираат континентот, рече Заев.
Повеќе >> faktor.mk