Двајцата лидери на двете најголеми политички партии во Македонија – Зоран Заев на СДСМ и Христијан Мицкоски на ВМРО-ДПМНЕ немаат ништо против Насер Зибери да биде шпицен кандидат за премиер на Македонија, но не се согласуваат со идејата на ДУИ која стои зад него, за која сметаат дека е политикантска.
Заев синоќа на својот прв ден од средбите со граѓаните рече дека зад Зибери стои партија која треба да се реформира.
„Што да кажам, уште еден шпицен кандидат. Немаме ништо против човекот, но верувам дека неговото учество во вака уценувачка понуда не е соодветно. Тој за 20 дена не може да го реформира ДУИ, на ДУИ му треба поминување во опозиција четири години за да може да се реформира да биде добра партија. Верувам дека ова е само политика и политиканство затоа што мандатот на крајот на денот го даваат граѓаните. Тие бираат личност, кадар посветен, што тоа го докажал досега и верувам дека на 15 јули граѓаните преку својот глас ќе определат кој ќе биде идниот премиер на македонската Влада“ смета лидерот на владеачката партија.
Мицкоски од Охрид порача дека ДУИ ја прифатила неговата идејата за шпицен кандидат, но и дека Зибери треба да биде прифатлив за мнозинството граѓани ако сака да биде шеф на Владата.
„Премиер не се станува во канцеларија, треба да се излезе пред граѓаните и да се добие поддршка. Така се станува претседател на Владата. Ја прифатија идејата на ВМРО-ДПМНЕ за шпицен кандидат, сега се надевам дека ДУИ ќе понуди и програма што ќе го привлече вниманието на сите граѓани, без разлика на етничка припадност. Начинот на кој ја почнаа кампањата е дополнително оптоварување за граѓаните и дополнителна поларизација, а ние тој начин на водење политика го одбиваме. Тоа не е добар концепт, тоа ќе го видат граѓаните. Граѓаните ќе се одлучат за концепт кој нуди додадена вредност и подобар живот за сите“, изјави Мицкоски
ДУИ вчера во Преспа го промовираше актуелниот нотар и поранешен функционер на ПДП како кандидат за премиер. Зибери пред да биде политичар, работел како новинар, а повеќе од 10 години не е активен во политиката, односно за цело ова време работи како нотар.
Извор: Фактор