Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесе интерпелација за вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров. Пратеникот Антонијо Милошоски пред да ја образложи интерпелацијата се заблагодари на Словачка и на Чешката Република за нивниот принципиелен став по однос на тоа дека Европската Унија не може и не смее да биде судија кој ќе пресудува за историската вистина помеѓу два европски соседи.
Тој рече дека тој став се совпаѓа со позицијата на ВМРО-ДПМНЕ уште во 2017 година кога упатиле токму ваква критика до актуелната Влада пред да го потпише договорот со соседна Република Бугарија.
Милошоски за интерпелацијата за Димитров рече дека има неколку основи.
– Првиот основ којшто е многу сериозен е неговото непочитување на Собранието. Никола Димитров е еден од ретките министри во Европа, со исклучот на министерот можеби во Белорусија, којшто не се одзива на покани на пратениците во Собранието. Досега не се случило во 30 години независна Република Македонија, министер и член на Владата да не се одзве на поканата на пратеници и да дојде да учествува во работата на одредена комисија во Собранието, што е Уставна, би рекол обврска и задача на секој еден минситер да биде отчетен пред Собранието, пред пратениците и се разбира пред граѓаните и пред јавноста.
Втората причина за интерпелација на Никола Димитров е неговиот неуспешен исход во изминативе 100 дена но и во изминативе 2 ипол години во континуитет. Што значи овој континуитет? Од 2018 година па потоа 2019, 2020 година токму Никола Димитров како член на Владата тврдеше дека Македонија добила одлука за безусловен почеток на преговорите за членство со Европската Унија што требаше да биде означена со првата македонско-европска меѓувладина конференција. За жал гледаме дека претседателството на Сојузна Република Германија во 2020 година заврши без заклучоци за Македонијија, а немаше ниту одлука за почеток на преговорите и за првата меѓувладина конференција што цениме дека самиот овој исход на немање на одлука потврдува дека министерот Никола Димитров ја доведувал во заблуда јавноста во Македонија исто така и Собранието тврдејќи дека имаме одлука за безусловен почеток на преговорите. Според тоа би требало да сноси политичка одговорност – рече Милошоски.
Повеќе >> Плус Инфо