Има ли владата одговорност за блокадата на Бугарија – на ова прашање аналитичарите Марија Ристеска и Марко Трошановски одговараат различно. Ристеска смета дека имаат целосна одговорност, а Трошановски делумна. Според Алберт Муслиу од АДИ владата има одговорност за многу работи, но не и за ова.
Второто недобивање датум со променето име- Република Северна Македонија и со политиките на актуелната владејачка гарнитура предводена од СДСМ ја предизвика ВМРО-ДПМНЕ да бара оставка од премиерот Зоран Заев.
Опозициската партија предводена од Христијан Мицкоски смета дека блокадата е поради неспособноста на Заев, дека тој отворил проблем со Бугарија каде што велат дека го немало, како идентитетот, јазикот и историјата.
Заев лани во октомври, по првата блокада на македонскиот европски пат, кога земјава не доби датум за преговори за зачленување во Европската унија поради Франција, која бараше реформи во пристапниот процес, најави оставка со што се отвори патот за предвремените избори. Тие се одржаа пред шест месеци и на нив победи неговата опција, па тој повторно стана премиер.
Втората блокада дојде сега. На сто дена откако е формирана Владата Софија го блокираше процесот со барања до Скопје во најголема мера поврзани со историските прашања. Заев сега најавува дека не планира да си даде оставка.
Делумна, целосна или нема одговорност?
Владата има делумна одговорност, смета Марко Трошановски од Институтот за демократија. Тој смета дека таа одговорност не треба да се лоцира во тоа што земјава доби блокада од Бугарија, оти како што вели, за одлуката на Софија македонската влада не можела многу да стори за да ја промени, но додава дека има одговорност за преставувањето на работите во јавноста.
„Неколкупати повторуваниот став дека конечно добивме датум за преговори на некој начин не беше прецизно презентирана реалност и во таа смисла одговорност владата има“, вели Трошановски.
Повеќе >> www.slobodnaevropa.mk