Судијката на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1, весна Димишкова ќе дава исказ пред јавната обвинителка Вилма Рускоска, како дел од третиот дел во истрагата „Рекет“.
Весна Димишкова го водеше предметот „Империја“, а во исказот на Орце Камчев од 2 мај 2019 година се споменува за барање мито преку нејзиниот брат, адвокатот Васко Димишков.
Во исказот, кој беше јавно објавен, беше наведено дека братот на судијката барал пари од Камчев уште лани летото, пред отворањето на истрагата во ноември, знаејчи дека се издадени ПИ мерки за случајот. Тогаш бил одбиен, а со иста понуда, ама за повеќе милиони евра, за да се среди случајот настапил повторно во ноември, по апсењето за Империја.
Според веќе достапните информации, адвокатот Димишков, на средба со Ана Камчева и Зоран Милески побарал неколку милиони евра, наведувајќи дека со тие пари требало да бидат подмирени обвинителиите и судиите, зашто после одлуката неговата сестра требало да се пензионира!
Предметот Империја се уште е кај истата судијка, а претседателот на судот не ја иззема, иако овој исказ им е достапен од 17 јули кога е доставен во истрагата за Боки 12 и Зоран Кическиот.
Јавниот обвинител Љубомир Јовески го најави овој дел за истрага против судии и обвинители, иако и тој не побара изземање на судијката поради оваа околност, нив позната уште од 2 мај.
Според извори од истрагата, се тврди дека има аудио снимка од тој разговор каде што братот на судијката бара пари на средбата во Капиштец, а снимката ја направил третиот човек, сведок на муабетот.
За ова засега нема потврда од ОЈО.
Вилма Рускоска, пред која Димишкова ќе дава исказ, најави дека ќе отвори финансиска истрага за тројцата судии на скопска апелација кои вчера ја пуштија Катица Јанева во куќен притвор.
Јанева синоќа ја напушти Шутка и од затворот, беше однесена во станот на нејзиниот син, покриена со капа на глава од која не и се гледаше лицето.
Стартот на првото судење за Катица Јанева, Боки 13 и Зоран Милески Кическиот е закажано за 3 декември.