Бидете внимателни што посакувате, може да стане реалност. Тоа ми се случи токму мене. Оваа книга е сведоштво за една таква судбина, хронологија на еден богат мемоарски запис за 17 години поминати во претседателскиот кабинет. Овие сведоштва „од прва рака“, пренесени и евоцирани од мои лични сеќавања, имаат за цел да ја доловат сликата што не се гледа, онаа што е зад завесите…“, пишува уставниот судија Дарко Костадиновски, автор на монографијата „Сведоштва од претседателскиот кабинет“.
Имало, нагласува тој, и тешки средби, како средбите на претседателот Трајковски со тогашниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, со високиот претставник на ЕУ, Хавиер Солана.
Тоа беа многу жестоки средби и претседателот Трајковски знаеше да удри на маса, знаеше да растури состанок борејќи се за интересите за Македонија. Општо познато е дека во меѓународната политика нема правда и правичност, туку има сила и интереси. Мала држава мора да има кредибилна надворешна политика и силна дипломатија. Нема избор.
На македонски претседатели, премиери, министри, дипломатски советници не им се отвораат сами вратите, тие треба да најдат начин да ги отворат, а за да најдат начин треба да имаат дупло повеќе вештини и знаења од големите држави на кои вратите сами едноставно им се отвораат.
Да не се случеше трагедијата и претседателот Трајковски евентуално да ја претставуваше нашата земја на Самитот на НАТО во Букурешт (момент што за Костадиновски е преломен, бидејќи тој неуспех ја втурнал државата во перманентни политички кризи, кои, за жал, се поклопија со мандатот на претседателот Ѓорге Иванов), не сака ни да замисли колку жестока би била реакцијата кон лидерите кои ги изневерија очекувањата на граѓаните на Македонија.