Трајковски има долгогодишно искуство во државна управа, долги години ги водел скопската, а потоа и републичката дирекција на УЈП, се враќа во приватниот сектор од Дирекцијата за заштита на лични податоци, а ќе ја превземе „Еуростандард банка“
Горан Трајковски е новиот претседател на Управниот одбор на „Еуростандард банка“, пренесоа медиумите. Трајковски, по долги години апстиненција се враќа во приватниот сектор. Јавноста Трајковски го памти како долгогодишен директор на републичката Управа за јавни приходи (УЈП) во мандатот на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ и директор на УЈП Скопје во мандатот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Љубчо Георгиевски. Во приватниот сектор Трајковски заминува од позицијата директор на Дирекцијата за заштита на лични податоци.
Трајковски ќе оди на местото на Николче Петкоски кој досега беше претседател на Управниот одбор на „Еуростандард банка“ и таа позиција ја држи од 2010 година.
Што ќе превземе Трајковски?
„Еуростандард банка“ во земјава е позната по тоа што е во сопственост на семејството на познатиот бизнисмен Трифун Костовски. Костовски на своите две деца Никола и Олга им ги додели управувањата со двете семејни компании, едната е банката и ја води Никола, а другата е осигурителната „Еуролинк осигурување“ за каде е задолжена Олга.
Според официјални достапни податоци „Еуростандард“ банка , според податоци за 2017 година, е во групата на средни банки што всушност е и најострата банкарска конкуренција на нашиот пазар.
Во 2017 година според активната банката е на 11 место од 15 банки со активна во вредност од 172 милиони евра и раст за 17 отсто во однос на претходната година. Кредитните пласмани биле на ниво од 117 милиони евра и во оваа категорија банката држела 2,4 отсто од пазарот и била на 9 место. Од тие 91 милиони евра биле заеми спрема компании, а 26 милиони евра се пласмани кон физички лица.
Од аспект на депозитите во 2017 година банката е на 9 место во депозитна база вредна 129 милиони евра и пазарно учество од 2,3 отсто.
„Еуростандард банка“ 2017 година ја завршила со нето приходи од камата во износ од 4,74 милиони евра и нето приходи од провизии и надоместоци од 2,69 милиони евра. Оваа година банката ја завршила со добивка од 222.500 евра. Тоа е одличен резултат во споредба со претходната 2016 година која завршила со загуба од речиси 600.000 евра.
„Еуростандард банка“ на македонскиот пазар постои 18 години, а формирана е во 2001 година. Оваа банка има Управен одбор од два члена и еден од нив е Зоран Николовски.
Извор: faktor.mk