ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ треба да почнат процес на меѓусебно помирување, а во иднина треба да направат и заедничка коалиција, рече поранешниот министер за здравство Никола Тодоров во вчерашното издание на „Клик Плус“ во ТВ21. Тој смета дека двете најголеми партии мора да започнат ваков процес поради тоа што државата во моментов е премногу поделена, а луѓето меѓусебно се мразат поради различни политички гледишта.
„СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ треба да почнат еден процес на помирување. Оваа наша држава веќе е целосно поделена и тотално раскарана. Постојат луѓе кои меѓусебно се мразат, само поради различно политичко мислење и различно политичко гледање“, посочи Никола Тодоров.
По однос на оваа прашање се произнесоа од ВМРО ДПМНЕ, од каде што одговорија кратко.
„Ставот на партијата ВМРО-ДПМНЕ е повеќе од јасен. ВМРО ДПМНЕ не коалицира со мафија на власт. Доколку на некои луѓе тоа им одговара и им се допаѓа, слободно може да продолат да седат во скутот на Зоран Заев и да работат за него“, посочи Димче Арсовски.
Официјален став, иако побаравме, од СДСМ не добивме. Сепак, партиски извори за ТВ21 велат дека вакво нешто не е можно се додека Мицкоски е лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
Тодоров синоѓа истакна дека ВМРО-ДПМНЕ треба да доживее демократска транзиција во секој поглед, а Мицкоски што побрзо треба да се повлече од лидерката позиција.
„Јавно кажувам дека Мицкоски треба да си оди. Но, не е поентата Мицкоски да си оди и да дојде друг и истото да продолжи. ВМРО ДПМНЕ треба сериозно демократски да се промени и да се промени на подобро и не треба ние да се споредуваме со СДСМ“, додава Тодоров.
Тодоров напомена дека не би се кандидирал за лидер на партијата на наместен конгрес, додавајќи дека не се слушнал со поранешниот партиски лидер Никола Груевски од периодот кога се одржуваше конгресот во Валандово.
Извор: Tv21