Според министерот за правда Маричиќ, не е точно дека Стразбур веќе одлучил дека аболицијата на експретседателот Иванов важи, но точно е дека судот побарал Владата да му одговори во врска со две групи апликации поднесени против државата, во врска со тековните премети на СЈО.
Ќе паднат ли пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур сите судски предмети на поранешното СЈО во кои се или допрва ќе бидат осудени оние лица што експретседателот Ѓорге Иванов ги аболицираше во 2016 година? Според некои медиуми, веќе паднале, односно Судот одлучил дека аболицијата на Иванов важи, а државата сега треба со осудените и со обвинетите да се спогодува за обесштетување поради кривичниот прогон. Министерот за правда Бојан Маричиќ, пак, на Фејсбук објави дека тоа не е точно, но точно е дека Судот во Стразбур побарал одговори од Владата во врска со две групи апликации, кои се поднесени против државата за тековни предмети поврзани со прислушуваните разговори.
Професорот по кривично право Гордан Калајџиев вели дека изолирани случаи ќе паднат пред европскиот суд и дека позицијата на државата ќе беше подобра ако поранешниот претседател Иванов одговарал кривично за незаконската амнестија.
– Власта сега треба да се обиде да докаже во Стразбур дека стануваше збор за сериозна повреда на човековите права во Македонија, за кои не се дава помилување или амнестија. Подобро ќе беше ако случаите ги поврзеа во едно големо обвинение за да се види „шумата“ или ако Иванов одговараше. Изолирани случаи ќе ги изгубат – вели Калајџиев за „Слободен печат“ и додава дека тој одамна предупредува дека правосудството проблемот со аболицијата го стави „под тепих“.
Од Владата и од Министерството за правда денеска не одговорија на прашањата на „Слободен печат“ каква одлука донел Судот за човекови права и каков одговор ќе му прати Владата на судот. Од Владата не појаснија ниту кои обвинети или осудени се обратиле во Стразбур.
Вечер.мк објави дека Судот одлучил дека важи аболицијата со која Иванов во април 2016 година ослободи од прогон 54 лица, односно дека не е и не може да биде повлечена или укината. Судот за својот став ја известил македонската влада на 14 септември и решил одлуката да се спроведе во две фази. Првата фаза е до 20 декември извршната и судска власт да најдат начин спогодбено да ја спроведат одлуката од Стразбур во договор помеѓу правосудниот систем и прогонетиот. Втората фаза ќе настапи ако не се изврши бараното во првата фаза. Порталот пишува дека, ако до март следната година нема спогодба, одлуката на Судот ќе мора да се спроведе облигаторно, што значи дека „повеќе од половина предмети за кои сега се суди по обвиненија од СЈО ќе запрат на штета на обвинителството или судот, а обвинетите ќе бидат ослободени за делата за кои се аболицирани, а државата мора да им исплати отштета што би ја побарувале“.
Повеќе >> Слободен Печат