Статус на Ѓорѓи Спасов:
Итриот „бај Гањо„
На денот кога Бугарија го стави срамното вето во Еу за почеток на разговори со Македонија, таа смисли да го покани Бучковки, како специјален претставник на Македонија, на разговори преку кого, Захариева, Борисов и Радев на македонската и на европската јавноста и соопштија дека:
Бугарија не ставила вето.(Таа само не ја подржала рамката за разговори со Македонија).Македонија лаже.
Бугарија никогаш не го спорела правото на самопределување на граѓаните во нашата држава и нивниот национален идентитет или јазик и дека може да си зборуваме на каков јазик сакаме и да си го нарекуваме тој јазик како сакаме. И во врска со тоа сме лажеле.
А историјата требала да им биде оставена на историчарите и не треба да биде пречка за иднината.
Рамката за преговори не ја подржале, според Борисов само затоа што немало доволно гаранции за „ненарушување на територијален интегритет на Бугарија од страна на нашата земја бидејќи името Северна Македонија опфаќало и делови од Бугарија „ и што немало доволно гаранции дека нема да се мешаме во нивните внатрешни работи во врска со непризнавањето на национални малцинства.
Се на се одржаа средби чија цел беше да кажат дека Македонија манипулира и лаже и дека тие само ги бранат европските вредности.
Ниту збор не споменаа дека односите меѓу двете земји, почнаа да се влошуваат откако тие, по потпишувањето на Договорот за добрососедство, ја усвоија прво Рамковната позиција на Владата на Бугарија за проширување на ЕУ со Македонија во која има многу услови кои се за Македонија неприфатливи и се еднакви на политичка уцена. Таа рамковна позиција ја зацврстија со Декларација на Бугарското народно Собрание кое изричито бара Македонија да признае дека „македонската нација и македонскиот јазик се создадени со политичка одлука на комунистите во 1944 врз бугарски етнички корени„ а потоа таа Декларација делумно ја преточија во Објаснувачки меморандум упатен до членките на ЕУ со кој се оспорува употребата на зборот македонски за јазикот во европските документи.. И на крајот го задолжија бугарскиот дел од тимот на Заедничката комисија за историски и образовни прашања да работи според„единствената историска вистина од тие документи„ а македонскиот дел од комисијата таа „вистина„ да ја прифати како единствено можна во најкус можен рок и да ја преточи во содржина од учебниците по историја во Македонија.
Потоа следуваа заканите од Захариева, Каракачанов, Ковачев и други дека ќе следи блокада на членството во ЕУ ако тоа Македонија не го прифаќа, со обвинувања дека секој што во Македонија не ја прифаќа таа нивна историска вистина, ја фалисификува историјата, ја присвојува бугарската историја, шири говор на омраза кон Бугарија, дека тој говор е наследство од времето на ТИТО и на комунизмот во Југославија и на некаква „длабока држава„ која работи против подобрување на односите со Бугарија. Имаше дури и тврдења дека „србо комунистите „ во Македонија со неприфаќањето на предлозите од Бугарија за бугарските етнички корени на нацијата и на јазикот работат во интерес на Русија, за разлика од Бугарија која ги брани само европските вредности.
Е, сето тоа не може да се покрие со евтините приказни од видот: ова вето не е вето, ние ја признаваме политичката реалност,и потребна е само добра волја од двете страна а особено од македонската.
Еднодневното ПР шоу на бугарската дипломатија, помина и сега ќе треба на работите да им се погледне в лице со сета сериозност.
Точно е само дека потребно малку повеќе од празни зборови.