Фросина Ременски: „Политичката/партиската жабокречина чија реа ја дишеме 30 години, денес ни ги огласува “мирноводските” ликови (риби) да ни кажат дека, “реата е чистиот воздух што ни го нудат и треба да го дишеме”.
Во таа (политичка) жабокречина која полека почнува да пресушува и уште повеќе да смрди, со години се накотија многу животинчиња – сомови капиталци, кленови, змии, жаби, полноглавци, израсна трска за маска и за заштита на сомовите од некој искусен рибар.
Никогш не беа проблем рибарите рекреативци, тие фрлаа јадица колку да се фрли и да им помине времето. Искусните рибари беа проблем за сите крупни риби.
Во оваа многу кратка метафора лежи целокупната филозофија на политичките “богојавленија” и “стратешки филозофии” кои за чудо, но и за среќа се јавуваат деновиве со “совети, мудрости, наредби и сл.” И да, интересно е да ги чуеш и да им “видиш памет”.
ДА НЕ СЕ ЛАЖЕМЕ! Теледиригираната “мудрост” што ни ја обзнанија како наводна грижа за државата, партијата, граѓаните и иднината е само ЛАЖЕН ИЗГОВОР за нивниот КУКАВИЧЛУК и лицемерие.
Интервјуто на Зоран Заев беше само тригер или што би рекла таа “советодавна, разузнавачка и пијарџиска булумента” – “ПОГОДЕН МОМЕНТ или ЗГОДНА ПРИЛИКА” напаѓајќи го политичарот (говорникот) да се нападне целта и “со мудрост и критика” да се минира патот до целта.
Никој, ама никој не може да ме убеди дека реагираа заради навредите што Зоран Заев ги искажал кон македонскиот народ и историјата. Ги заболе нив за државата и за народот, и за партијата!
Замислете…, најнавредени излегоа токму оние кои МОЖЕЛЕ, ИМАЛЕ ОБВРСКА и ДОЛЖНОСТ да ги решаваат проблемите на државата години, години наназад.