Од август минатата година, кога се конституираше Собранието по парламентарните избори на 15 јули, пратениците почнаа 39 седници, но завршија само 19 од нив. И од тие 19 завршени седници, само 8 беа со предложени закони на дневниот ред. 20 седници стојат незавршени, меѓу нив и 36. седница, на која на дневен ред чекаат трите предлог-закони од петтиот пакет економски мерки за ублажување на последиците од пандемијата на ковид-19.
Во тие 19 завршени седници се и првата, конститутивната седница, на која само се верификуваа пратеничките мандати и се избра претседател на Собранието, потоа втората седница, на која само се одлучуваше за бројот на потпретседатели на Собранието. На 10. седница се бираше влада, на 11. седница се бираа претседатели и членови на собраниските комисии и на 13. седница се бираа заменици министри. На 14. седница имаше обраќање словенечкиот претседател Борут Пахор, додека 23. седница беше за редовното годишно обраќање на претседателот Стево Пендаровски. На 31. седница се бираа членови на Државната изборна комисија. Досега имаше и три седници за пратенички прашања.
Работеле-не работеле, пратениците секој месец земаат просечно по 1.100 евра, или за 8 месеци вкупно милион евра за пратенички плати. За патни трошоци, заклучно со јануари, на 75 од вкупно 120 пратеници им се исплатени 122 илјади евра.
Последен пат пратениците се состанаа завчера, кога не успеаја да ја завршат 32. седница, која е почната пред три месеци, поради немање кворум за гласање. Цел ден претседателот на Собранието Талат Џафери се убедуваше со опозициските пратеници да влезат во пленарната сала и да гласаат за точките од дневниот ред на 32. седница. Џафери инсистираше пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да присуствуваат на 32. седница, додека координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски бараше од него да ја прекине 32. седница и да ја почне 36. седница, а неговите сопартијци чекаа надвор.
Главниот аргумент на Џафери беше дека кога веќе пратениците се потпишале дека се присутни во Собранието и врз основа на тоа остваруваат права како патни трошоци, тие се должни да учествуваат во работата на Собранието, а не да чекаат пред врата и да бираат на која седница ќе присуствуваат. Мицевски повтори дека немаат намера да му прават кворум на мнозинството, освен за гласање на мерките за помош на економијата. Во моментов, тројца пратеници од мнозинството, кое брои 62 пратеника, се во изолација, бидејќи се позитивни на коронавирус.
Повеќе >> sdk.mk