Оштетени сведоци од прислушуваните разговори
Директорот на Комерцијална добил потврда од СЈО дека два телефонски броеви нелегално биле приклучени на машините во УБК. Се сомнева оти прислушувањето можеби им нанело штета на клиенти на Банката зошто неговите разговори се следени додека како прв човек на банката се консултирал со другите директори.
Екс разузнавачот Слободан Богоевски раскажа дека првите сомнежи дека бил прислушуван и предупредувањата од колегите во УБК ги добил во 2009 година, а потоа тврди, тие разговори биле искористени за да му бидат монтирани обвиненија..
За разлика од него, адвокатот Звонко Давидовиќ бил информиран дека го следеле во врска со случајот Ликвидација, но подоцна било потврдено дека мобилните телефони му биле прислушувани многу подолго и по завршувањето на судскиот налог.
Како сведок се појави и поранешниот шеф на военото разузнавање Владимир Пивоваров, потоа преведувач во канцеларијата на ЕУ во Скопје и сопственичка на туристичка агенција. За разлика од новинарите кои како оштетени побараа суми од неколку стотици илјади евра, денешните сведоци бараат милионски суми отштета.
Ова е прво рочиште на кое со лисици на раце од затворот Идризово беше спроведена екс министерката за внатрешни Гордана Јанкуловска, а нејзиниот сопруг се појави како нејзин адвокат. Освен неа, обвините во случајот се и екс шефот на УБК Сашо Мијалков и неколку вработени во управата.