Освен за засилени контроли во индустриските погони и стратегии за обновување на возниот парк, министерот не кажа што конкретно се прави во моментов за да се ублажи аерозагадувањето. Немаше одговор ниту до каде се субвенциите за инвертер клими, па додека да заживее оваа мерка – единствено ги повика граѓаните да внимаваат како си ги греат домовите.
„Свесни сме дека нивото на загаденост е висока, се уште не е над прагот каде што треба да ги обзнаеме таканаречените вонредни мерки, но секако посветени сме и треба да работиме на намалување на нивото. Би сакал да апелирам прво до индустриите, до граѓаните и до сите економски субјекти – ве молам, бидете внимателни со што ги греете вашите домови. Не е спорно дека домовите не треба да се греат, но користете поеколошки материјали“, вели Нуредини.
Маглата и канцерогените честички ниту изминатово деноноќие не ги поштеди градовите низ земјата. Рекордот синоќа го урна Битола, таму мерната станица регистрираше енормни 800 микрограм честички. Невладините сметаат дека власта прави напори, но уште долго ќе се чека за некакви видливи резултати.
„Уште многу треба да се работи, тоа е очигледно. Неблагодарно е, гледаме дека се уште е загаден воздухот и искрено не верувам дека ќе се смени нешто до крајот на 2020 година. Факт е дека на многу институции се смени начинот на греење, се работи на тоа, имаше инвестиции во таа насока, меѓутоа според нас потребно е малку затегнување на обрачот околу индустријата“, вели Елена Николовска од „Еко-свест“.
Од МВР брифираат дека деновиве немало посериозни сообраќајки како последица на намалената видливост од густата магла. Но затоа телефоните во Брза помош не престануваат да ѕвонат. Само вчера имало над 200 повици на граѓани кои се пожалиле на тешки и мозочни удари.