Вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, наместо да одговори на пратеничките прашања поврзани со последната афера што ја обелодени ВМРО-ДПМНЕ за наводен рекет и фалсификување документи, како и за тендерите во РЕК Битола тој со низа навреди го нападна лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски на собраниската седница.
На ова бурно реагираа пратениците, а потпретседателот на Собранието Горан Мисовски во неколку наврати се обиде да го испочитува редот потсетувајќи го Николовски дека му истече времето за обраќање од говорницата.
– Не ви доаѓа памет, Христијан Мицкоски штанца лаги и измислици и се крие зад црвените завеси во скапата палата од која треба да се срамите пред граѓаните. Немате ни идеја, ни план, за нас сте добри што сте такви, ама не сте добри за граѓаните – рече Николовски.
Тој тврди дека аферата за РЕК Битола е измислица на опозицијата, а за која ВМРО-ДПМНЕ вели дека има докази дека е тежок криминал со државни тендери. Според ВМРО-ДПМНЕ, наводно во времето на Васко Ковачевски власта вршела притисок и закани врз бизнисмените, сопственици на компанијата „Рубитон“, за да ја отстапат работата за ископ на јаловина која ја добиле на тендер во корист на СВ Инвест или да дадат 250.000 евра во кеш на Вице Заев, во хотелот „Вила парк“ во Струмица.
Николовски рече дека државните органи ќе го докажат спотивното и дека Мицкоски е опседнат со Заев и затоа ширел лаги во кои, како што рече, ни самиот не верува.
– Мрачниот Мицкоски штом отвори уста лаже и се крие на брифинзи, нема образ да излезе пред граѓаните – рече Николовски.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски рече дека не е задоволен од одговорот на неговото пратеничко прашање, но дека е импресиониран од тоа колку Николовски му се додворува на Заев. Тој порача дека еден ден власта ќе одговара и за фалсификувањето документи и за сите други афери.
Претходно, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков достави до Обвинителството документи со кои, според него, се докажува криминалот со државни тендери во РЕК Битола во времето на Васко Ковачевски, но и притисокот и заканите врз бизнисмените Васко Василев и Јани Радивчев, сопственици на Рубитон.
Повеќе >> plusinfo.mk