Колумна на Никола Тодоров за Дојче Веле на Македонски јазик.
Со големо внимание го следам развојот на настаните поврзани со нашите билатерални односи со Република Бугарија. Бугарија беше првата држава која ја призна македонската држава. Во раните деведесетти години на минатиот век, главната битка на македонската влада и македонскиот политички врв беше што е можно повеќе држави да ја признаат нашата независност и тоа да го направат под уставното име доколку е тоа можно, а доколку не, тоа да го направат под привремената референца БЈРМ. Бугарија тогаш не’ призна под уставното име Република Македонија.
Проблемот со Бугарија е голем. И тежок. Базиран е на различно гледање или читање на историјата на двата народа. Бугарите сметаат дека ние пред да ја создадеме нашата држава сме биле Бугари, односно дека сме биле Бугари се’ додека Македонија не станала дел од поранешна СФРЈ. Бугарите тврдат дека пред тоа ние, Македонците, бидејќи сме немале посебна држава, не сме имале ни посебна нација. Бидејќи сме немале своја азбука, сме немале ни својјазик.Точно е дека нашата азбука е креирана подоцна, но точно е и дека не постои природна азбука, односно секоја азбука некој некогаш вештачки ја создал. Така е и со бугарската, со латинската, со кинеската, англиската.
Нешто помалку од два милиони Македонци тврдат дека Ѓорѓи Гоце Делчев е Македонец и дека не е Бугарин. Од друга страна, нешто повеќе од 8 милиони Бугари тврдат дека Ѓорѓи Гоце Делчев е Бугарин и дека не е и никогаш не бил Македонец. Никој не може двата милиони Македонци, ниту осумте милиони Бугари да ги убеди во спротивното. Колку и да се преговара, попушта, прави отстапки, тие отстапки одат до црвената линија која на македонски значи „Гоце е Македонец“, а на бугарски значи „Гоце е Бугарин“. Сите се согласуваат околу една работа, а тоа е дека Гоце се борел и загинал за Македонија. Секој еден збор понатаму во оваа реченица е веќе отворање на проблем. Бугарите сметаат дека се борел за бугарска Македонија, а ние сметаме дека се борел за нашата Македонија. Велат дека бил офицер во бугарска армија, односно студирал на бугарската воената академија, учел во бугарско училиште и предавал во бугарско училиште во Штип во кое бил поставен и за директор. Азбуката на која Гоце пишувал и на која ги описменувал неговите ученици во Штип не е азбуката која подоцна ја утврдил Блаже Коневски, но не знам дали е идентична и со азбуката на која денес Бугарите пишуваат. Можеби е истата, или пак не е, но тоа треба да го потврдат историчарите и лингвистите. Заклучок: Ние велиме дека Гоце бил Македонец, тие велат дека бил Бугарин. И ние и тие велиме дека се борел и загинал за Македонија.
Д-р Христо Татарчев од Ресен е основачот на Македонската Револуционерна Организација. Бугарската историографија смета дека името на организацијата била Бугаро-Македоно-Одрински-револуционерни комитети. (БМОРК). И нашите историчари знаат дека името на организацијата во првите три години од нејзиното основање било тоа, БМОРК. Исто како што и ние и Бугарите знаеме дека основачот, д-р Христо Татарчев, оставил своерачен тестамент во судот во Торино, Италија, со кој ја изразил својата последна волја, својот имот да го остави на сопругата Софија, а по нејзината смрт, се’ што ќе остане да стане сопственост на кукушката и ресенската општина, само под услов доколку се во рамки на голема Бугарија, а ако не се, тогаш на кој било друг град во Бугарија. Заклучок: Ние велиме д-р Татарчев бил Македонец, тие велат бил Бугарин. И ние и тие тврдиме дека се борел за Македонија.
Јане Сандански, пиринскиот цар, на Рилскиот конгрес во 1905 година рекол: „Mакедонскиот народ е самостоен народ кој има право на самостоен живот”, како и дека: „Tреба да се борат за извојување на својата слобода без да се надеваат на туѓа помош, зошто оние кои ќе дојдат да ги ослободат, всушност ќе дојдат да не’ заробат.” Истиот тој Јане Сандански заедно со солунчанецот Димитар Влахов ја основале Народната федеративна партија (бугарска секција). Заклучок: Ние велиме бил Македонец, тие велат бил Бугарин. Но и ние и тие се согласуваме дека се борел и загинал за Македонија.
Повеќе >> www.dw.com/mk