Признанието на вина од обвинетиот возач Љубиша Видојковиќ кој ја прегази студентката Фросина Цековска и измената на описот на обвинителниот акт биле причините поради кои Апелациониот суд ја намалил затворската казна од 4 на 3 години.
Во образложението на пресудата Апелација пишува дека „при определување на видот и висината на казната советот ги имаше во предвид сите олеснителни и отежнувачки околности на страна на обвинетиот, признанието на вина и досегашната неосудуваност на обвинетиот, како и други околности а особено околностите под кои се случила сообраќајната незгода.
„Според приложеното вештачење е утврдено дека придонес за сообраќајната несреќа покрај обвинетиот кој го управувал возилото под дејство на алкохол од 1,13 грам промили и со брзина од 85км/час која била поголема од ограничената 60км/час за град Скопје, свој придонес има и оштетената која како пешак го минувала коловозот на запалено црвено светло за пешаци“ пишува во образложението од Апелација.
Љубиша Видојковиќ пред 4 години ја прегази студентката Фросина Цековска на Партизанска.
Првата пресуда на Кривичен беше 6 ипол години затвор за Видојковиќ. Апелација ја укина и ја врати на повторно судење по што Кривичен му пресуди 4 години затвор.
По жалбите предметот пак дојде во Апелација која овој пат му пресуди 3 години затвор, една година под законскиот минимум за кривичното дело тешки дела против безбедноста во сообраќајот.
Пред два дена од обвинителството потврдија и дека на повтореното судење според насоките на апелација во обвинението било изоставено делото неукажување на помош со кое Видојковиќ се товареше поради тоа што не застанал откако ја прегазил 19 годишната Цековска.
На Видојковиќ му е изречена и казна забрана за управување со моторно возило од Б категорија во период од 1 година.