Случајот со Гордана Јанкулоска е можеби еден од ретките, кога на социјалните мрежи можат да се забележат повеќе негативни коментари за неа и своевидно „ситење“, отколку одбрана, на некој кој е родител на мало дете, а сега мора да седи зад решетки.
Во отсуство на Никола Груевски, незадоволните од поранешната владеачка гарнитура целиот гнев го истурија токму кон Јанкулоска.
Се прават споредби како со камери беа снимани акциите кои во тоа време ги спроведуваше МВР, а кои во судските институции завршија со ослободителни пресуди, или некои, како оние за патарините сеуште не се завршени и после 14 години.
Случајот со Јанкулоска се компарира со оној на Емел Рамковска, која исто така беше мајка на мали деца, а мораше да отслужи долгогодишна казна во институција.
Но сето ова, не дава за право да се оцрнува и омаловажува. Токму за ова реагираше и поранешната министерка за правда Рената Дескоска, која на својот профил на социјалните мрежи го осуди чинот на објавување фотографии од Гордана Јанкулоска, која со лисици на раце беше спроведена на судско рочиште, од затворот „Идризово“, каде се наоѓа од пред два дена.
Таа е веќе осудена на четири години затворска казна во предметот „Тенк“ за злоупотреба на службена положба поради незаконска набавка на владиниот мерцедес во вредност од 600.000 евра.
На денешното рочиште, покрај Јанкулоска, обвинет е и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и вработени во поранешната Управа кои се товарат за нелегално прислушување на повеќе од четири илјади телефонски броеви во периодот меѓу 2008 и 2015 година.
Покрај веќе донесената пресуда за случајот „Тенк“, против Гордана Јанкулоска СЈО има поднесено уште два предмета, за масовното прислушување, „Таргет-Тврдина“ и за изборните нерегуларности, случајот „Титаник“.
Во „Таргет-Тврдина“ на Јанкулоска ѝ се суди за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, а во „Титаник“ за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
Судењата против Јанкулоска започнаа во јануари 2018 година со предметот „Таргет-Тврдина“, па продолжија со „Тенк“ и „Титаник“. Во два од овие предмета кои ги отвори СЈО, Јанкулоска е во обвинителниот акт заедно со поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски.
Дури и новинарот Миленко Неделковски, кој важи за близок до актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, потсети на случка, во која Гордана Јанкулоска употребила зборови за него, кои сега би можеле да ја отсликуваат нејзината ситуација:
„Гледам денешна фотка па се присетив на две работи:
– Министерката бивша во една прилика во присуство на Иво Котевски ми вели: “Ти Миленко имаше нешто судско, некоја пресуда, нели”?
– Во бомбите во разговор помеѓу Ставревски и Јанкуловска каде го оговараат Пешевски кој треба да гостува кај мене ви емисија велат: “Ма пушти го Хипо нека гостува кај тој криминалецот”.
И ете, и судско и пресуда, и криминалец! Ама кој, ја или ти?!