Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција рече дека тој со месеци наназад предупредувал на криминалите и притисоците што ги прави СЈО.
Тој обзнани дека Катица Јанева лично од него побарала поддршка за Законот за јавно обвинителство во замена да го одмрзне имотот на ВМРО-ДПМНЕ, што тој го одбил, и додаде дека е подготвен да сведочи за тоа и тој и уште еден присутен на средбата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека „оставката што Катица Јанева вчера ја даде и не е оставка затоа што и денес Катица Јанева, обременета со такви сериозни скандали позади себе, продолжува да биде шеф на компромитираното СЈО кое за ВМРО-ДПМНЕ е минато завршено време“.
Мицкоски праша зошто на Јанева ѝ бил одземен само телефонот,„ без било какви дополнителни мерки, а совршено е јасно дека силата на двајцата обвинети е токму можноста за влијание преку СЈО и врските кои тие ги имаат со Катица Јанева и врските кои што тие ги имаат директно со врхушката на власт“.