Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митинг во Сопиште се обрати пред граѓаните, истакнувајќи дека гласот на претседателските избори даден за Стево Пендаровски е всушност глас даден за Зоран Заев бидејќи и самиот Пендаровски изјавил дека е ист како Заев со 102,5 проценти.
Лидерот на опозициската партија вели дека на земјава во моментов најмалку ѝ треба човек како Пендаровски.
„Стево Пендаровски смета дека не ни требала мајка, ни требал татко на нацијата. Најмалку што ни треба во овој момент е ваков татко којшто е 102,5 проценти идентичен, нели и самиот велеше дека е 102,5 проценти идентичен, со најголемиот лажго во поновата историја на Република Македонија. Ние го нарековме принцот на политичките лаги – Зоран Заев, а овој самиот рече дека бил 102,5 проценти идентичен како Зоран Заев. Најмалку што во овој момент на Македонија ѝ треба е еден таков човек“, кажа Мицкоски.
Тој додаде дека Пендаровски е избран на, како што рече, мафијашки начин во скап и луксузен хотел, додека Сиљановска-Давкова е избрана на демократски начин на Конвенција во Струга со огромно мнозинство од страна на делегатите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Зошто тој вели дека е 102,5 проценти ист како Зоран Заев, затоа што на деспотски начин, во мафијашки стил, во еден скап и луксузен скопски хотел беше назначен од страна на Зоран Заев. За разлика од него, ВМРО-ДПМНЕ имаше внатрепартиска дебата, деветмина кандидати се пријавија, делегатите на Конвенцијата во Струга во огромно мнозинство својот глас го дадоа за идниот претседател, а тоа е Гордана Сиљановска-Давкова, и тоа претставува пример на една внатрепартиска демократска дебата“, истакна Мицкоски во Сопиште.
Извор: Макфакс