По кратка постапка Собранието ја прифати оставката на Весел Мемеди на функцијата заменик-претседател на законодавниот и пратеник од редовите на НДП. Во обраќањето до пратениците ја образложи оставката и изрази разочарување од лидерот на ДУИ, Али Ахмети и премиерот Зоран Заев заради нечесна политичка игра кон НДП како мала партија и како што рече таен договор меѓу двајцата лидери за трампа на министерства во реконструкцијата на Владата.
-Договорот кој бил постигнат многу порано помеѓу Ахмети и Заев, за трансформација на Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор во посебно министерство, па така не е можно Албанците да водат шест министерства, и трампата на министерствата едно за едно, Ахмети се обидел да го прикрие пред Албанците, дека тој не жртвувал ниту едно министерство, во компензација за новото министерство, додека Заев ќе ја продаде приказната кај Македонците, дека не попуштил пред Ахмети за едно министерство плус, туку успеал да им го зеде Министерството за локална самоуправа, посочи Мемеди.
Во своето обраќање Мемеди изнесе низа обвинувања за Ахмети во врска со, помирувањето во Исламската верска заедница. Му упати порака и на Заев и ја обвини власта за користење удбашки методи спрема албанските коалициони партнери.
– Методот и сценариото, кои ги употребивте кон албанските коалициски партнери, и конкретно кон нашите кадри и функционери, кои можат да ви го потврдат со факти и аргументи, посебно кон министерот Фазлиу, со ангажирање на финансиската полиција и политичкото искористување на Антикорупциската комисија, и некои резервни портали на кои им давате специјални задачи, во кординација со ваш близок соработник, државниот секретар Парталов, за нас се познати удбашки методи што ги применуваат еден дел од старите удбаши, кои држат високи позиции во партијата на СДСМ и ВМРО, рече тој.
Мемеди оставката ја поднесе лут откако со владината реконструкција беше одлучено единствениот министер од оваа партија, Сухејл Фазлиу, да биде разрешен во ресорот локална самоуправа и да биде замент со Горан Милевски од ЛДП. Собранието на денешната седница го верификуваше мандатот на новата пратеничка Александра Цветковска, која доаѓа на местото на Милевски кој, пак, стана министер за локална самоуправа.
https://youtu.be/ixLQediwHsU