Според британски тајни докумeнти од 1941 година:
Геостратегиските интереси на големите сили се одликуваат со една константа и постојаност во контекст на нивната визија и насока за остварување претстави за глобалните нешта што ги пожелуваат. Тоа се однесува и за британското кралство како светска економска и воена сила. Имено, во британските документи пред осумдесетина години, Македонија не се спомнува ниту како географски поим, односно, според Британците, сите делови на поделена Македонија се само „територија со народ без име“ во границите на балканските држави, што значи дека таа треба да се избрише од историјата на Европа. Во документите на британската тајна служба стои дека федерација или конфедерација без Македонија е најдобра шанса „да се спротивставиме на руското влијание сега и во подалечна иднина“, а САД „срдечно поддржуваат еден таков договор“ за Балканот.
Атина како противуслуга нуди бази во Грција!
Според документите депонирани во Националниот архив на Велика Британија во Лондон, односно според преписката на Форин офисот и дипломатските претставници на Велика Британија при владите во егзил, британската политика калкулира со идејата дека конфедерација што би се протегала од Балтикот до Медитеранот би била идеално решение за интересите на Велика Британија во Источна Европа и Балканот! Во таа насока, за почеток, најбрзо би можела да се реализира таканаречената балканска федерација.
Според телеграма на Џорџ Рендел, амбасадор на Велика Британија при Кралството Југославија во емиграција, испратена до Антони Идн, министер за надворешни работи на Велика Британија, стои дека „југословенскиот министер за надворешни работи (Момчило Нинчиќ н.з.) на 15 октомври 1941 година во доверба ме информира дека претходниот ден му го доставил на грчкиот премиер југословенскиот предлог за она што тој го опиша како евентуална ’унија’ на Југославија и Грција“.
Проектот предвидувал Југославија и Грција по војната да формираат единствена царинска и монетарна унија, но би ги обединиле и воените ресурси и би одржувале заедничка армија. Тие, исто така, би следеле идентична надворешна политика, кон која би се приклучила и Бугарија, но, според британските „експерти“, Георги Димитров и Коста Тодоров не се тип луѓе што се „способни да донесат мудри и далекосежни политички одлуки“, а грчкиот премиер во егзил, Емануел Цудерос, сѐ уште не се изјаснил за конкретниот план за формирање ваква федерација.
Повеќе >> www.novamakedonija.com.mk