Сопствениците ќе може за викенд домашните миленици да ги шетаат половина час навечер, но најмногу на 100 метри од нивниот дом. Ваквата одлука, како што објави премиерот Оливер Спасовски на Твитер, е донесена на денашната седница, за да им се излезе во пресрет на оваа група граѓани. Со одлуката е дозволено шетање само од 20 до 20.30 часот и притоа без групирање на граѓани.
Со уредба на Владата, за викенди полицискиот час трае од 16 до 5 часот. Сопствениците на кучиња на социјалните мрежи реагираа на ваквата одлука и бараат да постои исклучок за нив.
Полицискиот час во работните денови трае од 21 до 5 часот. Лицата над 67 години смеат да се движат само од 5 до 11 часот, додека младите лица до 18 години од 12 до 21 часот.
На денешната седница донесовме измени на уредбата за ограничено движење за да им се излезе во пресрет на домашните миленици – за време на викендите дозволено е шетање на милениците од 20:00 до 20:30 часот, најмногу до 100 метри оддалеченост од живеалиштето, без групирање.
— Oliver Spasovski (@o_spasovski) March 30, 2020