Во интернет-просторот кружи вест, со фотошопирана фотографија, дека Гејтс има центар за глобално намалување на човечкото население, која на својот твитер-профил ја пренесе и академик Катица Ќулавкова.
Веста, нормално, е лажна. Повеќе лажни вести има за Бил Гејтс отколку за измисленото суштество Големото Стапало (Bigfoot), пишува „Lead Stories“
На социјалните мрежи се споделува фотографија од влезот на фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс, а на неа може да се прочита натпис: „Центар за глобално намалување на човечкото население“.
Ова е фотошопирана фотографија, пишува интернет-страницата за проверка на факти „Lead Stories“. Ваков натпис нема ниту, пак, семејството Гејтс води таков центар. Засега нема ниту докази дека таков центар воопшто постои во светот.
Лажната фотографија се појави на Фејсбук на 28 април 2020 од профил со име Тимоти Вебстер придружена со коментар: „Во случај да се сомневате што планира Бил Гејтс со неговите вештачки форми на генетика. Злобните дејствија зборуваат повеќе од зборовите заокружени со црвено.“
Алгоритмите на социјалната мрежа Фејсбук веќе предупредуваат дека информацијата и фотографијата се лажни.
Академик Ќулавкова наседна на лажната вест
Веста за „Центарот на Гејтс“ на Твитер ја пренесе и членката на МАНУ, академик Катица Ќулавкова, која е активна на социјалните мрежи со објави во одбрана на „македонскиот идентитет“. Вчера Ќулавкова, освен овој ретвит, објави неколку пораки со коментари и напади за професорот Денко Малески за, како што оцени, неговата „квазитеорија за македонската нација“ порачувајќи дека станува збор за „беда на умот и на моралот, во најмала рака“.
Не е прва лажна вест за Гејтс
Ова е една од низата на лажни вести кои се споделуваат во врска со Бил Гејтс, а интернет-страницата за проверка на факти „Lead Stories“ веќе детектираше неколку такви. Една од нив беше дека Гејтс во соработка со Ватикан „планирале намалување на популацијата во светот преку вакцинирање на луѓето со вакцина против коронавирусот“.
Гејтс е голем поборник за вакцинација бидејќи смета дека така луѓето ќе бидат заштитени од разни болести. Додека, пак, антиваксерите во светот водат кампањи дека Гејтс со тоа сака да ја намали популацијата.
Во теориите на заговор се надоврзува и еден говор на Гејтс од пред 10 години со наслов „Иновации до нула“. Тој говор на Гејтс е изваден од контекст бидејќи таму тој зборува за намалување на емисиите од јаглерод до нула, а не за намалување на популацијата. Тој зборуваше за тоа глобално да се намалат емисиите од јаглерод до 2050 година, а тие ставови ги има искажано и во магазинот „Форбс“.
Според анализите на „Lead Stories“, на социјалните мрежи се споделуваат повеќе лажни вести за Гејтс отколку за измисленото чудовиште Големо Стапало (Bigfoot), за кое со децении кружат приказни.