“Неколку пати сум кажал и пак ќе повторам дека со бегање не се решаваат проблемите. Мојот стил на живеење не е да бегам”, ќе се пофали Сашо Мијалков за по три години да исчезне непосредно пред носење на пресудата. Имиџот на бестрашниот Мијалков кој секогаш стои на “браникот на татковината” се чини дека ќе заврши кукавички. Но, вистинското прашање е: Кој ова го дозволи. ИРЛ направи хронологија на настаните, а тие отворија важни прашања. По серијата конфузни, непотполни и контрадикторни изјави на инволвираните во случајот, како и хаосот од нецелосни и навивачки информации кои ги споделуваат мнозинството медиуми, ИРЛ анализира што навистина се случуваше овој кобен викенд додека бегалецот елегантно исчезна.
Подготви тим на ИРЛ: Сашка Цветковска, Маја Јовановска, Александра Денковска, Лука Блажев
На стражарските саати на истите луѓе по втор пат им избега високопрофилна личност. Во Унгарија е Никола Груевски, а во Македонија му се изгуби трагата на Сашо Мијалков. Вилма Русковска и тогаш и сега одигра важна улога во процесите кои требаше да обезбедат правда и да ги потврдат заложбите за борба со корупцијата. Обвинителка за гонење организиран криминал ја постави баџанакот на Мијалков, Јован Илиевски.
По заминувањето на Илиевски, во она што СДСМ го најави за пролет на демократијата и правдата, Зоран Заев повторно и’ даде доверба на Русковска и на предлог на Владата контроверзната обвинителка доби втор мандат, овојпат како шеф. ИРЛ направи реконструкција на настаните. Во разговор со вклучените лица во Јавното обвинителство и шефицата на Одделението за организиран криминал и корупција, сите судии од Кривичниот совет, експерти и лица од Министерството за внатрешни работи, како и по проверката и потврдувањеот на сите факти, тимот новинари на ИРЛ подготви хронолошки преглед на случувањата од денот на читањето на завршните работи.
Среда, 16 февруари 2021
Обвинителите Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов ги даваат завршните зборови за случајот Таргет – Тврдина во којшто првообвинет е Сашо Мијалков. Овој предмет е најголемиот и најзначајниот предмет на висока корупција и организиран криминал во историјата на државата. Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) е обвинет дека во договор со братучедот и премиер Никола Груевски го организирал и нарачал прислушувањето на повеќе од 20 илјади граѓани.
Повеќе >> irl.mk